ЗА ФЕСТИВАЛОТ
Програмата ги поврзува класичната, камерната, џез и современата музика и го претвора градот во сцена за различни концертни формати и музички средби. Низ фестивалот настапуваат домашни и меѓународни солисти, ансамбли и оркестри, со програми што ја поврзуваат традицијата со современиот музички израз.
Во официјалниот каталог за 2025 година фестивалот ја нагласува својата мисија да остане симбол на есенската музичка култура и важен дел од културниот идентитет на Скопје – место на кое музиката ја раскажува својата универзална приказна.
ИЗДАНИЕ 2026
Со особено задоволство го претставувам 27. издание на „Есенски музички свечености“, фестивал кој од своето основање во 1999 година континуирано го збогатува културниот живот на Скопје и создава простор за афирмација на музичката уметност, уметничката интерпретација и средбата на различни музички генерации.
И оваа година, во ноември, Скопје ќе биде домаќин на музички настани кои ги поврзуваат класичната и камерната музика, домашното музичко творештво и европските музички традиции. Програмата на 27. издание е осмислена како средба на различни уметнички изрази, искуства и генерации, со посебно внимание кон квалитетот на изведбите, афирмацијата на домашните уметници и отворањето можности за меѓународна соработка.
Особено значење има отворањето на овогодишното издание, реализирано во соработка со Факултетот за музичка уметност – Скопје, во годината кога оваа значајна високообразовна институција одбележува 60 години од своето постоење. Посветеноста на македонското музичко творештво и вклучувањето на младите музички уметници се важен дел од нашата определба да го негуваме музичкото наследство, но и да ја поддржуваме неговата иднина.
Реализацијата на фестивалот оваа година е овозможена со поддршка на Град Скопје и Културно-информативниот центар – Скопје, со што се потврдува значењето на институционалната соработка во создавањето и одржувањето на културните содржини во градот.
Во периодот кога Скопје ги развива своите културни перспективи и се подготвува за предизвиците и можностите поврзани со Скопје 2028, ваквите манифестации имаат посебна улога. Тие ја градат културната препознатливост на градот, го поврзуваат со европскиот културен простор и создаваат можности за трајни уметнички партнерства.
Верувам дека „Есенски музички свечености“ и во ова издание ќе понудат вредни музички средби и доживувања, потврдувајќи дека континуитетот на една културна манифестација се гради преку квалитет, посветеност и отвореност кон новите уметнички хоризонти.
Им благодарам на сите уметници, соработници, институции и партнери кои придонесуваат за реализацијата на фестивалот, а на публиката ѝ посакувам пријатни и инспиративни музички вечери.
Василија Чали
Директор
Дирекција за култура и уметност на Скопје
ПРОГРАМА 2026
Камерен концерт - SOUNDSCAPE ТВО, Србија, „МЕЃУ НАСМЕВКИТЕ И СОЛЗИТЕ“
Концерт на студентите при Факултетот за музичка уметност - Скопје „60 ГОДИНИ ФМУ СКОПЈЕ“
„Сонатни приказни“ – Зоран Станишиќ, пијано и Стефан Котевски, виолина
Солистички концерт на Хатиџе Салиева - Антонио Вивалди „ЧЕТИРИ ГОДИШНИ ВРЕМИЊА“ dd го
БИЛЕТИ · 2026
Каталог 2026










