Дирекцијата за култура и уметност – Скопје информираше дека во периодот од 21 јуни до 31 јули 2025 година ќе се одржи 46-то издание на Скопско Лето.
Овогодинешната програма на „Скопско лето 2025“ е распоредена во 40 фестивалски денови, а публиката ќе има можност да види повеќе од 35 културни настани – концерти, театарски претстави, изложби, книжевни вечери и танцови перформанси на различни културни сцени низ Скопје.
Со изложбата „Зона фобија“ на реномираниот уметник Томе Аџиевски ќе биде отворено годинешното 46. издание на фестивалот „“Скопско лето“. Фестивалот започнува во сабота, 21 јуни, воедно и прв ден на летото и Светски ден на музиката.
Потоа, во 20:30 часот во Салата на Македонската Филхармонија ќе се одржи концерт насловен „Мостови на музиката: Софија – Скопје”. На сцената ќе настапат Академскиот оркестар „Панчо Владигеров“ од Националната музичка академија – Софија, како и млади диригенти и музички уметници од Македонија и Бугарија.












